Децата на возраст од 8 до 11 години во Брејк А Лег тренираат hiphop 2 или 3 пати неделно по 50 минути, вклучувајќи и еден дополнителен час по гимнастика. Тренажниот процес кој се одвива кај оваа старосна група е задржување на вежбите за растегливост и гимнастика, но зголемување на фондот на основните чекори на хипхоп-танцот.
Во вежбите за загревање се додаваат и кондициски вежби како стомачни, склекови, скокови и трчање, со што ќе се зголемат силата и брзината на движењата. Вежбите за координација се побројни, се усовршува стекнатата рутина со што почнуваат да ги изучуваат не само како чекори туку и како стилови на hiphop танцот, почнувајќи од oldschool hiphop , па сѐ до newstyle hiphop.
Во оваа старосна група се додава побрзо темпо на танцување, до 120 бпм, каде што и движењата добиваат посложена форма. Децата се учат од едно движење да направат повеќе варијации и истото да го преобразат на своето сопствено тело, а сепак да не избегаат од рамките на hiphop стилот. Во оваа старосна група се работат вежби за ориентација во просторот, а најчесто ова се прави со вежби од помало движење кон поголемо, од бавно кон побрзо темпо и обратно. Овде децата добиваат и посложен облик на формации кои не се сведуваат само на геометриски фигури туку и на букви од азбуката, каде што треба да ги преобразат формациите од еден облик во друг преку танцови движења (на пример, од буквата V во O).
На оваа возраст веќе може да се определи дали детето е музикално или не и дали треба да продолжи со хипхоп-танцувањето или треба да се посвети на нешто друго. Во оваа група е многу полесно да се мотивираат децата, бидејќи и самите знаат што сакаат, па така тренерот и кореографот имаат поголема задача да го откријат талентот на детето и да го насочат, отколку да го мотивираат и бодрат.