Кај најмалата возраст, од 4 до 7 години, според моториката и нивниот психофизички развој се прават вежби за правилно држење на телото и правилен од (движење на стопалата), вежби за растегнување каде што се оптегнува телото и се добива еластичност во движењата со помош на гимнастички вежби како мостови, свеќи, ѕвезди, шпаги, со што подоцна во процесот на запознавање со хипхоп танцот овие елементи ќе ги опфати и преземе брејкденсот. Дел од 45-минутниот тренинг и посетувањето двапати неделно дава позитивни ефекти во координацијата на движењата, развивање на слухот и музикалност. Преку детските игри, сликовитите објаснувања и асоцијации се изучуваат основите и првите движења во хипхоп танцот.
Во практика се настојува изборот на песните и темпото на кое треба да играат децата да е во согласност со нивната возраст.
Преку ова децата од предучилишна возраст добиваат и чувство на припадност и социјализација во една група, учат тимски да играат, да се следат во играта едни со други. Негативностите кои се јавуваат на оваа возраст се тоа што децата имаат слаба концентрација и потешко добиваат чувство за просторот и формациите во кореографиите, па затоа најчести формации на кореографот треба да бидат геометриски фигури кои најмногу им се познати на дечињата (круг, триаголник, квадрат итн.).
Слабата концентрација која е типична за оваа возраст е причина дечињата да не можат да издржат и внимаваат 100 % за време на целиот тренинг. Затоа мотивирачката улога во целост ја имаат тренерот и кореографот. Нивна задача е да најдат модус преку кој ќе го задржат целосното внимание на детето, а притоа ќе ја следат програмата за танцување. Најчесто тоа се прави преку игри, интеракција и покажување едни на други (со што детето ќе добие чувство на важност) да одигра чекори кои сами ги смислуваат, со што се развива креативноста и ја добиваме првата форма на фристајл. Со гласно броење и изговарање одредени елементи во кореографијата во исто време детето и учи и внимава, но најважно од сѐ на оваа возраст е да се научат на ред и дисциплина додека се вежба. Само така во играњето и во кој било друг спорт и уметност се постигнуваат резултати.
Од основните чекори со кои дечињата треба да се запознаат и изучат се groove, bounce, дел од работа со стапала - footwork, поставеност на телото за hiphop dance, а пред сѐ да добијат силина, прецизност, ритам и координација во движењата.
Пишува: Андријана Петковски
Кореограф во Студио Брејк а Лег
Истакнат балетски солист при МОБ, магистар по балетска педагогија.